Градови кои треба да ги посетите во зима

Рим, Италија

Ретко, но снегот може да падне во Рим и речиси секоја година наврнуваат по неколку сантиметри. Ако токму тогаш се наоѓате во Вечниот град, сцените мора да бидат фантастични. Најпознатите римски атракции се речиси напуштени. Нема чекање во редови, нема гужва, никој нема да ве удри во глава со својот селфи-стап. За да го посетите Музејот на Ватикан и Колосеумот ова е дефинитивно најдоброто време од годината. Ако врне дожд, има навистина многу места во Рим кои се под покрив. Палацо Барберини или Палацо Браски, цркви и музеи, речиси и да не мора да излегувате на отворено. Ако времето е поубаво, тогаш најдобар начин да се истражува градот е со Веспа, така што ќе живеете како вистински Римјани.

Прага, Чешка

Кулите прикриени со снег, топлото светло од уличните светилки и темните улици со калдрма во стариот град даваат посебна атмосфера на ова место. Не е дека нема туристи, но се помалку отколку во потоплиот дел од годината, така што дури и селфи на Карлов Мост, најубавиот мост во Европа, ќе излезе одлично.

Градот во зима не спие туку живее еден друг живот. Локалните кафулиња и пабови се полни со живот и топлина. Зимските забави се, како што велат многумина, многу подобри од летото. Секој во подрумите во центарот, во вистинска смисла на зборот, го доживува градот како главен град на забавите во Европа. Ако имате волја и време дефинитивно мора да го посетите и Чешки Крумлов, прекрасен град кој е уште поубав под снегот.

Инсбрук, Австрија

Познат по зимските спортови како двапати домаќин на зимските олимписки игри, градот е далеку повеќе од тоа. Пешачките зони изгледаат како сцени од бајките. Шарено обоените згради, внимателно декорираните излози и продавници како да се трудат да ги одмавнат посетителите од реалноста. Кога снегот ќе го покрие сето тоа, глетката е уште попривлечна. Блиските врвови ги има толку многу, што не може да се посетат ниту за година дена. Двете можеби најпривлечни атракции се фабриката и музејот на Сваровски, а со возењето на жичарницата на планината Нордкете ќе завршите одличен викенд во овој живописен град во долината на реката Ин.

Абиску, Шведска

Ловците на поларна светлина постојат во импресивно огромен број. Дека толку многу луѓе се интересираат за поларната светлина ќе сфатите кога ќе дојдете во ова место во Шведска. Одеднаш гледаме, како зомби, луѓе кои гледаат во мрачно небо, очекувајќи зелена магија. Шведска Лапонија е за љубителите на најголемото студенило, а за оние кои им треба повеќе од тоа, може да спијат во леден хотел. Пред да си легнете, ќе добиете вреќа за спиење и упатства како да го користите санитарниот дел. Сред зима сонцето не излегува неколку недели така што ова е едно од најдобрите места за набљудување на поларната светлина. Таа е видлива речиси секоја вечер кога нема облаци.

Ница, Франција

Сигурно е една од најпрестижните дестинации во зимските месеци. Ова го знае и принцот Хари и неговата сакана Меган. На редовен лет, во економска класа, тие дошле да се згреат во топлата Ница. Тие можеби се најпознатата англиска двојка, но посетата на Ница во зима е долга традиција меѓу богатите Англичани. Ручек на отворено, пријатна клима, прошетка долж морето или уличките на старата Ница се она поради кое доаѓаат. Кога овде ќе се вбројат и музеите, одличните ресторани и уште подоброто вино, зар има подобри понуди?